Што:
Приказната „Сексуално насилство и злоупотреба“ претставува ситуации во кои се доживува сексуално насилство или злоупотреба, кои на некој начин се поврзани со информациите од приказната „Непријатни допири“. Препознавањето на сексуалното насилство и злоупотреба е првиот чекор во спречување на истото.
Зошто е важно:
Препознавањето на непријатните допири е важен услов за идентификување на несоодветно однесување од страна на други лица и детектирање на можно насилство или злоупотреба. Во таа насока важно е претходно да бидат усвоени правилните термини за именување на приватните делови и сексуалните активности како допирање на приватните делови, бакнување, сексуален однос и сл. Кога е поставена таа основа, тогаш може да се пристапи кон зборување за начините на кои тие активности може да прејдат во сексуално насилство или злоупотреба.
Кога е соодветно да се обработува приказната?
Обезбедувањето на информации за разлики меѓу пријатен и непријатен допир се препорачува во текот на раното детство (2-5 години). Користете ги секојдневните ситуации да ги класифицирате допирите како пријатни и непријатни (Убаво ми е кога ме гушкаш; Не ми е убаво кога ми го допираш газето/задникот; Не ми е убаво кога ме буткаш, удираш и сл.), согласно потребите и можностите на Вашето дете/ученик/роднина/корисник. Обработката на приказната се препорачаува во текот на пубертетот, согласно потребите и можностите на Вашето дете/ученик/роднина/корисник, бидејќи тогаш со активирањето на хормоните се јавува и сексуалната желба и нагон за практикување на сексуални активности. Затоа обезбедувањето на конкретни, јасни и недвосмислени информации е предуслов за практикување на здрави стилови на сексуално изразување и спречување на сексуално насилство и злоупотреба.